ШТИП-СТРУМИЦА-БЕРОВО-ВИНИЦА-КОЧАНИ-ШТИП
Доброто време и колебањето околу тоа како би ги искористил двата преостанати неработни денови инспирираа за да направам некоја подолга тура. Наредната сабота во рамките на Вело фестот како дел од Iron Curtain Trail ќе се вози патеката од Делчево до Колешино па се решив да пробам дел од патеката, но во спротивен правец.
Резултат од долгото колебање беше доцниот старт. Некаде околу пладне. Попатно ги видов и ‘‘колегите‘‘ кои веќе качуваа на Плоча. Од претходно знаев дека патот Радовиш-Струмица на некои делови не е баш ‘‘сјаен‘‘ за велосипед поради штрбавите коцки кои ги има, а посебно ако возите со тенки гуми и со товар, а морате да внимавате и на возилата кои поминуваат премногу брзо и близу до вас. Се што ви преостанува е да се нервирате, да возите по земјата од страна на патот или да го пробате патот кој е во изградба и го има само на делови. Во Струмица направив кратка пауза и продолжив кон Дабиле каде се врти во лево кон Берово. Се до селото Хамзали патот е рамен од каде почнува и благата нагорнина, која постепено станува се пострмна и непредвидлива доколку прв пат ја возите. Со Беласица позади и Огражден пред мене планирав да ја искачам угорнината и да најдам место каде што би преноќил, но не одеше така лесно. Таман ќе помислев дека сум при крај на угорнината ќе ми се отвореше нов поглед на бесконечниот кривулест пат. На маките им дојде крај по 15 км. искачување, кога конечно ја видов мапата поставена на патот со околината на Берово, а на мапата означено место Палазлија( 1394 м.н.в.). Значи висински повеќе од 1000 метри искачување од Струмица( 233 м.н.в.) до Палазлија. Ноќта ја поминав во излетничкото место Суви Лаки.






