Солунска Глава е најмаркантниот алпинистички објект сместен во централниот дел на земјата, на планината Јакупица. Солунска Глава всушност преставува највисокиот врв на планината Јакупица со надморска височина 2540 м. Карпите на Солунска Глава се сместени во форма на амфитеатар над изворот на реката Бабуна со широчина од околу 5 км. и височина до 1000м., а познати се под името Нежилови стени (Нежилови карпи).
На карпата се разликуваат два дела : еден помасивен и покомпактен "јужна карпа" и другиот "источна карпа" разигран и разделен со неколку жлеба т.н."глави", прва, втора, трета и четврта глава (гледано од југ кон север). Должината на карпата изнесува од 200 до 1000метри. Пократките должини се главно во левиот дел "источната карпа", а најдолга е карпата во централниот дел "јужната карпа". Должината на источната карпа варира од 200 до 450метри. Точилата и сипарите кои ја делат карпата допираат речиси до горниот раб на карпата. Јужната карпа (Мокар камен) е најдолга со околу 1000метри. Во средината ја дели изразен жлеб кој во горниот дел на карпата се дели на два крака. Десниот дел е многу експониран и преовладуваат мазни плочи. Левата страна е значително раскршена, ја одбележуваат коси пукнатини и изразени гребени. Тој дел од карпата во продолжение на стрмната тревна падина се спојува со врвот Солунска Глава. Во подножјето на карпата се истакнува голем црвенкаст столб (Црвениот столб), но и во централниот дел има места каде што сипарот започнува високо во карпата, со што истата е значително скратена на должини од околу 350 метри. Најкарактеристично вакво место во средишниот дел е т.н. Црвен кулоар. Карпата по состав е варовник со примеси (кафено-црвена боја), заради што се карактеризира со кршливост. Ронливоста варира во различни делови од карпата и централниот дел има најдобра компактност.
Најдобар период за качување во овој локалитет е од почетокот на Јуни до крајот на Септември.






