NORTH FACE LAVAREDO ULTRA TRAIL (02.07.2011)
Еве по недела дена решив да го напишам извештајот за трката. Некако ме мрзеше до сега. Си се чудам сам на себе како по тие поминати 90 км сеуште може да ме мрзи нешто. Најверојатно тоа е само пишувањето.
Повторно истата екипа од Рисњак, Трајче Панковски, Зора Димов и јас. До Auronzo di Cadore од каде што беше стартот на трката стигнавме во два дена. Првата ноќ преспавме на паркинг после Загреб додека втората ноќ стигнавме до MIsurina и преспавме во близината на езерото. Денот го искористивме за поминеме дел од патеката од Misurina до Malga Rinbianco, втората освежителна станица. Удобно но беше доста ладно таа ноќ. Наредниот ден се упативме кон Auronzo каде неколку нестрпливи натреварувачи чекаа да се отворат вратите на хокеарското игралиште каде беше и главната логистика на трката. Го поминавме задолжителниот преглед на опремата, добивме броеви и остануваше да чекаме до полноќ, стартот на трката.
Нешто пред полноќ стигнавме на малото плоштадче преплавено од натпреварувачи/ки каде беше стартот. Додека организаторот ги читаше главните фаворити успеав да препознаам некои имиња кои претходно ги гледав на Еуроспорт на Trans Gran Canaria. Каква ли само чест имавме да се натреваруваме во друштво со најдобрите во светот. Одбројувањето започна и реката луѓе потече кон улиците на Auronzo. Поради остатоците од снег мал дел од првобитната патека беше изменет поради што се трчаше нешто подолго по асфалт. Првите пет километри ги трчавме по велосипедска патека по која следуваше стрмен асфалтен пат се до приклучот на планинарската патека што водеше до првата контролна точкаChiesetta Degli Alpini. Врвулицата од луѓе со челни лампи постепено почна да се крши на овој стрмен дел па така успеавме да поминеме солиден број натпреварувачи. Како што се приближувавме кон контолната точка стануваше се постудено и како што беше најавено на стартот и температура под нулата. И еве не конечно на контролната точка. Дури тогаш сфативме колку добро ќе бидат опремени контролните точки и дека имаме вишок од храна во нашите ранци. Продолжуваме кон превојот Лаваредо на висина од 2450 м.н.в., всушност ги заобиловаме Tre Cime, симбол на овој регион, но за жал сеуште беше мрак па оставме без фотографија од нив. Следуваше стрмен дел по кој не форсиравме отстапувајќи им пат на побрзите. Околу разденување стигнавме до Malga Rinbianco. Од таму до езерото Misurina следуваше спуштање, дел по асфалт, дел по земјена патека. Од езерото следуваше стрмно искачување по жицарницата кое мислевме дека ќе биде подолго и ќе ни го даде најубавиот поглед на Доломитите како што пишуваше на стартот на жицарницата. Од таму се движевме во група со останати натпреаварувачи и каде што можевме кратко трчавме. Трката беше до степен организирана што при едно стрмно спуштање на патеката се наоѓаше забиена метална шипка поради што организаторот поставил човек кој ги алармираше натпреварувачите. И еве не нас на половина од патеката, Villa Gregoriana. По сугестија на Трајче спикерот не најави како „групата од Македонија“. По обркот кој го имавме почнавме полека да пешачиме со кратки серии на трчање колку да ги навикнеме нозете. Почнува едно долго искачување од десетина километри кон Forcella Grande. Се насладувавме на водопадите, кулите, огромните капрпести плочи, врвовите... На превојот на Forcella Grande правиме кратка пауза. Потоа следи стрмно спуштање се до Rifugio San Marco каде што ние тројцата се разделивме. Набргу требаше да следува нова контролна точка Capanna Degli Alpini, а тоа значи топол оброк и многу течности. Потоа следува еден рамен дел и стрмно качување кое води до Rifugio Baion, следната контролна точка. Дури овде ја почувствував бескрајноста на искачувањето. Сепак сеуште брзо чекорев па поминав доста натпреварувачи. Пред Rifugio Baion се наоѓа Rifugio Chiggiato каде што моите резерви на вода беа потрошени, но овде вода можеше само да се купи. И конечно Baion и нова освежителна станица. И кога човек мисли дека од таму веќе трката е при крај просто се излажал. Следуваше повторно искачување кое не делуваше многу мотивирачки по толку изминати километри. Потоа следуваше спуштање по макадамски пат кој постепено водеше по тесни планинарски патеки. Некои делови пред самиот крај беа толку стрмни што имаше поставено сигнализациони табли и луѓе кои што ги чистеа патеките од ситните камчиња. И конечно излегов на асфалтниот пат заедо со уште еден италијанец. Не ни преостанува ништо друго освен да ги истрчаме последните метри до целта. Зоран е веќе беше таму. За кратко доаѓа и Трајче и правиме групна фотографија. Целта е исполнета и се чувствуваме како победници.
Линк до сајтот на организаторот: http://ultratrail.it/
Линк до сликите:https://picasaweb.google.com/astrajon.mk/NorthFaceLavaredoUltraTrail
Жикица Ивановски






