ПАРАГЛАЈДЕРСТВОТО КАКО ДЕЛ ОД НАС
Голем дел од алпинистите насекаде во светот, во потрага по додатен адреналин се занимаваат и со други екстремни спортови. Таков е случајот и во нашата држава каде дел од алпиниститесе занимаваат и со параглајдерство или пак параглајдеристи се занимаваат со алпинизам. Параглајдерството не е изоставен дел и во нашиот клуб Астрајон, во кој повеќето членови подолго време се занимаваат со овој спорт.
Денот на пролетта и убавото време во неделата го искористив за летање. Со членовите од прилепскиот параглајдерски клуб отидовме на местото наречено Рибник во околината на Прилеп. Јужниот ветер кој на почетокот дуваше со околу 7 m/s не нé разочара затоа што знаевме дека со одминувањето на денот и тој ќе поднамали. Така и се случи, ветрот намали и се создадоа идеални услови за падинско летање. За мене ова беше одлична можност да ја започнам оваа летачка сезона, која се надевам дека ќе биде побогата од претходната
За крај сакам да ја искористам оваа можност да ги информирам сите оние кои што имаат желба за тандем летови или пак сакаат да започнат самостојно да летаат дека им стоиме на располагање за било какви информации. Тандем летовите и обуката ја вршат искусни инструктори со долгогодишно искуство.






