Од Белград до ...
Патувањето со велосипед е вирус. Некое време мирува но кога ќе се јави повторно мораш да ги вртиш педалата кон твојата цел. Метри, километри, селце па некој град.Од град преку неколку селца во па во друг град. И веќе си поминал низ една држава. Единствено што жалиш е за можноста да ја запознеш подобро. Секогаш има следен пат.
Моето патување го започнав од Белград. По долго претражување одлучив дека најдобро ќе биде доколку се движам по реката Дунав и Еуро Вело 6 , една од дванаесетте и воедно најпопуларна патека низ Европа со почеток од Атланскиот Океан и која го следи Дунав од неговите извори во Германија па се до неговата делта во Романија. Немав временско ограничување бидејќи немав ни точно определено место до каде што би возел.
Од Белград започнав со мојот нов пријател Раде. Сеуште не сум сигурен дали постои велосипедска патека од Белград до Нови Сад. Сепак ние се одлучивме за стариот пат со премногу возила кои се обидуваат да го избегнат автопатот. Во Нови Сад не пречека вистинска бура која полека се претвори во умерен дожд кој паѓаше преку цела ноќ поради што утредента одлучивме да фатиме воз до Сомбор од каде што Раде продолжи кон Темишвар, Романија, а јас кон Баја, Унгарија, следната станица.
Баја беше градот од каде всушност започнав да се движам по означената Еуро Вело 6. Првиот знак го згогледав во центарот на градот и продолжив да ги следам останатите се до Будимпешта. Претежно патеката води покрај самата река, по уредени земјени патеки но се појавуваат и делови од споредни асфалтни патишта на кои нема сообраќај. Од Будимпешта преку Шентендре, Вишеград како поранешна престолнина, Ештергом па се Комарно на границата со Словачка водат означени асфалтни патишта со тоа што постои и можност за префрлување на спротивната страна.
Од Комарно до Братислава продолжив да возам по спореден пат во обид да скратам малку од растојанието за тој ден.Тој ден имав поминато нешто повеќе од 200км и дождот во Братислава дефинитивно ме натера да најдам хостел наместо камп.Наредниот ден имав намера да возам до Виена.Разликата меѓу Словачка и Австрија е евидента уште со влегувањето во првото погранично австриско село.Растојанието помеѓу Братислава и Виена изнесува околу 60 км но поради кратко „лутање“ сето тоа се претвори во долго возење по споредни патишта и ноќно пристигнување во Виена.
Од Австрија всушност започнува вистинскиот велосипедски рај. Уредени велосипедски патеки од двете страни на Дунав, прекрасни пејсажи, села со прекрасен амбиент, градови со премногу историја, вински региони...Едноставно Австрија е прекрасна.Не се ни сомневам колку убав може да биде останатиот дел од Австија.
Од Виена се упатив кон Кремс.Уште еден од многуте прекрасни кои лежат на Дунав и се наоѓа во Вахау, еден од најпознатите вински региони.Вистинско уживање е возењето велосипед низ овој регион.Поминујќи низ Мелк, Ибс и Енс конечно по уште едно ноќно возење стигнав во Линц. Тогаш си ветив дека наредните денови ќе стартувам порано. И наредните денови како по обичај го прекршував тоа ветување.Наредниот ден возев до пред стемнување се додека не најдов соодветно место за кампување. Се будам од полусонот и по кратко педалирање веќе сум во Германија. Прв е Пасау, градот на три реки, каде што Ин и Илц се влеваат во Дунав. На делови ги избегнував земјените патеки минувајќи низ баварските селца .Како временски да си се вратил во некоја бајка. Да, таква е Баварија.Секој поглед е нова фотографија. Продолжив кон Дегендорф каде што ноќта ја поминав во камп.
Следна цел ми беше Регенсбург. По пат сретнав пар велосипедисти кои исто така патуваа кон Регенсбург. Во корист на друштвото одлучив да не влегувам во Страубинг туку заедно со нив да продолжам. По кратка пауза и дегустација на специјалитетот и локалното бело вино во една од многуте попатни „гастхаус“ стигнавме во Регенсбург.Објаснувајќи им го мојот план да стигнам до Дармштадт ме посоветуваа дека најдобро би било доколку го следам Дунав и Маин-Донау Канал, таму познат и како Алтмул.И така во Келхеим се простив од Дунав продолжувајќи низ Дитфурт, Баилнгрис, Берхинг и Ротсее се до Нирнберг.
Наредна станица ми беше Вурцбург.Првобитниот план ми беше повторно да се движам по каналот попатно посетувајќи го Бамберг за чија убавина претходно доволно слушав(сега знам дека имаат и квалитетен кошаркаски клуб). Но поради проблемите околу излезот од Нирнберг поради што загубив доста време решив да наместо планираното заобиколување движејќи се по каналот да пробам некои од споредните патишта кои се покажаа како доста прометни во овој дел. Пред влезот на Вурцбург почна да врне и прогнозата не најавуваше добро време за наредните денови. Сепак мојот план беше „ригиден“ и се решив да тргнам кон Дармштадт по дожд.
По еднонеделен одмор во Дармштадт со излети до Ашафенбург и Франкфурт во друштво на Аце и Ина решив да продолжам кон Троисдорф(кај чичо на гости). Низ Маинц, Визбаден и Лимбург и конечно во Троисдорф .Неколку кратки возења до Келн, Леверкузен, Бон и Конигсвинтер решив да му дадам одмор и на мојот велосипед и време беше да се вратам назад .Овојпат со автомобил.
Патувањето со велосипед можеби е еден од најбавните но секако и еден од најинтересните, најбезбедните(не во Македонија) и најефтини начини преку кои можеш да запознаеш многу нови места и прекрасни луѓе.Па вреди да се проба!!!
Бладарност до Македонија Сообраќај, сите мои прекрасни домаќини и Кочуба Компани!
Жикица Ивановски
Повеќе слики на:
http://picasaweb.google.com/bezprostor/DanubeTour#






