Царев Врв-Руен 01.08.2010
Сеуште беше мрак кога пристигнав на Железничката станица. Возовите кај нас по „дифолт“ доцнат иако имаат многу прецизно утврден возен ред. Железничарот зборуваше дека ќе доцнел само девет минути. Сигурно. Можеби и повеќе. Не е важно. Некаде околу 4:30 возот пристигна. Исто како и возовите така и кондуктерите по „дифолт“ нешто мрморат кога ќе сакаш да внесеш велосипед во возот. Ретки се исклучоците.
Во состојба на полусон и блага замаеност со помалку од два часа спиење поради „утринскиот“ концерт на Културно Уметничките Работници пристигнав во Кочани. Паркот кај Домот на културата е вообичаено место од каде што секогаш стартуваат „кочанци“. Панче и Сашко веќе беа таму. Сеуште незагреани тргнавме кон искачување на Пониква. По првото искачување се познава денот. Нели?
Од Пониква до Царев Врв се вози по широк земјен пат освен на некои делови каде што поради кратење се вози по паралени патеки кои повторно излегуваат на главниот пат. Вода може да се наполни и попатно но потребно е да се има доволна количина на залиха. За секој случај. Како што се искачувавме се повисоко навлегувавме во густи облаци и видливоста беше мала. Попатно сретнувавме берачи на боровинки кои ги „чешлаа“ ниските стебла. Пред самиот врв принудени од стрмната угорнина моравме да ги буткаме велосипедите. Кулите се пред нас и веќе сме на Царев Врв. Одвнатре вриеме а однадвор кондензираме. Немаме време за задржување и продолжуваме кон нашата следна цел Руен.
Едно кратко спуштање од Царев Врв води кон Руен по исто така широк земјен пат по кој може да се движи џип. И спуштањето не е така лесно повеќе. Повторно доаѓаат стрмни угорнини и стануваме од велосипедите. На делови и патот е обраснат со трева која не го дава потребното триење и брзината на одење и возење е речиси иста само што буткањето е попријатно. Го искачуваме Мал Руен, кота 90. Времето сеуште е статус кво. Прилично изморени и со мисли насочени кон нашите ранци каде е храната стигнуваме на Руен. Кота 91. Фотографија, две и одиме во заслонот на бугарска теритотија. Без пасош, виза или било каков документ. Нема граница нема граничари.
Откако ги празниме залихите храна од нашите ранци се спуштаме од Руен. Пиеме ајдучка вода од Ајдучка Чешма и продолжуваме кон рудникот Саса. На некои места патот е ептен „батал“ и мора да се биде многу внимателен. На некои делови патот е асфалтен може да се пушти брзина. Спустот води се до Македонска Каменица. Враќањето до Кочани ви е познато.
П.С. Сашко и Панче благодарам за прекрасната(напорната) тура. Сеуште се опоравувам!
Жикица Ивановски






