По минатогодишната тура од Штип до Котор со моите пријатели од Турција, Белгија, Франција и Шпанија и оваа година се одлучив на нешто слична варијанта. Иако не успеав да најдам друштво се решив да тргнам сам надевајќи се дека по пат би сретнал некој кој би одел во ист правец. Мојата прва замисла беше да возам по Јадранското приморје преку Црна Гора, Хрватска, Словенија, Италија и со траект назад до Бар или Драч. Но плановите не секогаш се остваруваат.
Ден 1 (120.75 км/6:42:21)
Штип, 29 мај, сабота. Конечно решив да тргнам откако го натоварив „точакот“ како магаре. Две странични торби и една војничка торба на средината од багажникот. Стартувам околу пладне во најголемата жештина. Прво нагорнина Серта. Дури тогаш сфаќам колку споро ќе се движам по нагорнините и колку многу ќе ги сакам долгите спуштања. Ги минувам Неготино и Кавадарци и пред мене уште една голема нагорнина. Плетвар. Немав претстава дека ќе биде толку долга. Возам и постојано мислам на чешмата кај ресторанот. Неколку кратки паузи и веќе сум таму. Го искачувам Плетвар и „шишам“ кон Прилеп со 66,5 км/ч. По изминати 120 км барам место за спиење. Наоѓам блиску до стариот пат Прилеп-Битола.
Ден 2 (128.51км/7:58:42)
Се будам доста рано и веднаш тргнувам кон Битола. Стариот пат е преполн со дупки и решавам да продолжам по новиот пат. Сеуште е рано и нема возила. Решавам да не се задржувам многу во Битола. Единствено што ми треба е малку храна и вода. Сепак го среќавам другар ми Виктор и останувам малку подлго. Можеби и малку одолговлекувам поради искачувањето кое следи после Битола. Како и да е ќе морам да тргнам. Доаѓам до местото каде што ќе треба да возам по стариот пат до Охрид. Премногу е тесен и се одлучувам да возам по затворениот пат кој води до Охрид. Како да е затворен само заради мене. Или како да е мој. Без ниту едно возило. Не свртувам кон Ресен туку продолжувам право кон уште едно искачување. Галичица. Последно за денес. Се спуштам се до Свети Наум каде наоѓам место за кампување. Диво секако.
Ден 3 (154.30км/8:23:39)
Од Свети Наум до албанската граница стигнувам скоро за минута. Нестрплив сум. Откако го замолувам македонскиот граничар ми става печат во пасошот. За сефте му велам, нов ми е. Албанија е пред мене. Возам низ центарот на Поградец. Градот е сеуште во полусон. Продолжувам се по брегот на езерото. Разликата помеѓу манедонскиот и албанскиот дел од езерот е драстична. Патот минува скоро до самиот брег. Нема плажи, хотели, кампови... Само по некој продавач на риба по патот. Следи уште едно уште едно искачување се до граничниот премин Ќафасан. Патот е во изградба и има премногу прашина од камионите кои поминуваат. Недостасува асфалт. А од Ќафасан следи доста долг спуст. Можеби повеќе од 30 км. Се до Либразд. Пилаф и чај во Либразд и продолжувам кон Тирана. Возам по течението на реката Шкумбин се до Елбасан. Од Елбасан до Тирана морам да поминам скоро цела планина. Премногу коли и тесен пат. Се спуштам се до Тирана. Ноќта ја минувам во Backpacker Hostel.
Ден 4 (149.66км/7:58:36)
Излезот од Тирана како да нема крај. Еден од најбучните градови во кои сум бил. Вистинска џунгла. Таков е и поголемиот дел од патот. Некаде нов асфалт, некаде земја. Милиони коли и камиони кои претекнуваат без никаков ред. Само да ја поминам Албанија. Повторно возам низ местата кои ги поминав минанатата година. Некој човек на бензиска ме почасти ладен чај велејќи ми дека бил шампион во велосипедизам на Албанија пет години. Зборуваше микс од италијански и англиски. Продолжувам кон Шкодер, Скадар. Се е исто како лани. Повторно го минувам истиот дрвен мост кон границата со Црна Гора. Овојпат има само една граница. Албанците и црногорците работат заедно. По пат сретнувам велосипедист од Полска. Оди кон Улцињ. Јас продолжувам кон Бар. Сонцето е веќе на залез но неговиот одблесок од морето е сеуште тешко да го впиеш со очи. Во Бар успевам да најдам приватно сместување.
Ден 5 (85.40км/5:38:18)
Добро утро ми посакуваат молњи и грмотевици. Ристе ми праќа прогноза за денешниот ден. Идеален ден за возење. Возам кон Будва. Ги минувам Петровец и Свети Стефан. Кратка прошетка по стариот град на Будва и продолжувам. Забележувам пар велосипедисти од Швајцарија како одмараат покрај патот. Го повеле дури и своето куче во посебна приколка. И повторно гужва на патот. После Тиват наоѓам камп. За утре планирам да го поминам заливот Бока Которска. Се надевам на добро време.
Ден 6 (55.12км/3:59:23)
Се е влажно во шаторот. Дождот беше посилен од мојт low cost шатор. Сеуште врне но со помал интензитет. Стигнувам до траектот. Бесплатно е вели касиерката. Се префрлам на другата страна. Има и наредна година за заливот. Се тешам. Стигнувам до границата со Хрватска. Дали имаш доволно пари за престој во Хрватска прашува граничарот. Секако. Три дена во три различни земји. Гледам реклама за автокамп. Местото се вика Пласт. Решавам да кампувам таму. Кампот е пуст и секако бесплатен.
Ден 7 (178.68км/9:40:50)
Пред Дубровник сум. Застанувам на еден видиковец со одличен поглед на стариот град. Врие од туристи. Американци. Еден од нив прилично возрасен гордо, едвај кревајќи ја десната нога ми покажува тетоважа велосипед и под него COAST TO COAST. Шетам низ стариот град на Дубровник. На влезот стои табла кои објекти се оштетени од српската и црногорската војска за време на бомбандирањето. Минувам по мостот Фрањо Туџман и ги гледам околните острови. Сретнувам тројка англичани од Единбург. Возиме заедно се до Затон. Тие продолжуваат кон полуостровот Оребич, Корчула, Сплит и назад кон Дубровник. Јас кон Макарска. Повторно граница. Овојпат босанска. Само мал дел босанска територија и повторно сум во Хрватска. Гледам како Неретва се влева во Јадранско Море. Малку понатаму се насладувам на убавините на Бачинските Езера. Влегувам во Макарска и продолжувам по земјен пат, најверојатно шеталиште со намера да кампувам некаде во близина. Над мене Биоково а до мене кристално чисто море.
Ден 8 (65.82км/3:52:45)
Чудно но заморот како да ме одминува. А и срце не ти дава да се задржиш некаде повеќе од еден ден. Сакаш постојано да се движиш. Застанувам во Омиш на кратка пауза. Гледам има и интересни карпи. Имав слушнато претходно за карпите, мислам. Проаѓам повеќе автокампови но решен сум да се сместам во Сплит. Наоѓам хостел веднаш до Сплитската Рива. Гости од цел свет. Наидувам дури и на мој врсник сплиќанец со презиме Груевски. Родум од Демир Хисар. Одам на кратко испитување на градот. Првиот впечаток е дека Сплит може многу да понуди. И навистина е така. Градот плени со својата убавина.
Ден 9 (186.97км/10:20:14)
Сеуште сум во Сплит. По кратки консултации со другар ми Бојан одлучив да тргнам кон Загреб каде што тој е веќе подолго време. Сигурно ќе ми требаат два дена до таму. Нешто помалку од 400 км. Планирам да ја поделам должината подеднакво за двата дена. Треба да возам кон Солин и Сињ. Свртувам кон Сињ но влегувам во автопат и во близина гледам полиција. Се враќам назад и продолжувам кон Дрниш и Книн. Селата се речиси напуштени. Војната овде оставила пустош. Сепак природата е прекрасна. Во близина е Националниот парк Крка. Попатно застанувам за да купам храна. Проаѓам низ Книн и потоа следи предел налик на пустина. Без многу вегетација и населени места. Следи планински предел. Мислам дека тоа е Пљешевица, дел од Динарските Алпи. Возењето по овој предел е прекрасно. Сообраќојот е редуциран а патот е рамничарски или спуст. Успевам да достигна брзина од 71,1км/ч при еден спуст. Некаде кај Удбина ме фаќа мрак и правам камп недалеку од патот.
Ден 10 (202.км/9:20:17)
Утрото ме дочекува дупната гума. За кратко повторно сум на пат. Загреб е мојата денешна дестинација. Кореница и нејзината околија се налик на Алпските предели. Само пониски. Прекрасно уредени со многу опции за трекинг и маунтајн бајк. Речиси секоја куќа нуди соби за сместување. Во близина е Националниот парк Плитвички Езера. Иако е работен ден има многу туристи. Посетата ја оставам за наредна прилика. Како што гледам од мапата потребни се од 4 до 8 часа за да се видат погорните езера. Патот е вистински рај. Претежно е спуштање. Се до Карловац. Можеби морето е нивен главен туристички адут не сепак мене овој предел ми остава најсилен впечаток. Од Карловац до Загреб возам по стариот пат. Реконструкцијата на патот пред Загреб ме присилува да лутам и по некоја случајност излегувам на автопатот. Продолжувам кон центарот, поточно Главниот железнички колодвор каде ме чека Бојан.
П.С. По една недела помината во Загреб фаќам дека тука е крајот на мојата тура. Ми недостасува друштво за да продолжам понатака. Следна дестинација е со автобусот кон Скопје. Бојан и Ивана благорам за прекрасното друштво!!!
Епа другари и другарки доколку има некој заинтересиран за нешто слично на ова некаде после август слободно исконтактирајте ме.






