РИБНИЧКА СКАЛА И КАБАШ ЗА НАРЕДЕН ПАТ
Во склоп на посетата на Корабските Водопади која ја организираше П.Д. Трансверзалец ние тројцата (Трајче и Петар од П.Д. Макпетрол и јас) решивме да го испитаме теренот околу врвот Кабаш и неговата околина. Сите заедно стартувавме од селото Бибај и движејќи се низ густаци од шума стигнавме до ливатка под Рибничка Скала каде се разделивме со групата која појде кон Корабските Водопади. Движејќи се директно по стрмнината кон Рибничка Скала за кратко време добивме многу во висина и бевме на чекор од врвот. А таму полека се формираа густи облаци кои ги пуштаа првите капки на дожд. Нејсе, ја качивме Рибничка и она за што размислувавме беше Кабаш. Се симнавме на седлото под Рибничка кое води кон Кабаш и внимателно разгледувавме. Заклучивме дека има доволно места за приод кон врвот, што карпести што тревнати. И токму во тие моменти небото се отвори што беше знак да тргнеме. Ранците ги оставивме на седлото движејќи се многу внимателно употребувајќи цепини поради лизгавата трева. Но на 70 метри под врвот повторно почна да врне но овојпат засилен со грмотевици што беше знак да се симнуваме што побргу кон седлото а потоа и надолу кон патеката што води до водопадите. Теренот беше доста лизгав и на моменти покриен со снег кој делуваше посигурно отколку тревата. Излеговме на патеката за водопадите кој беше сета во кал и се движевме се по неа, со мали исклучоци во шумата пред Попова Ливада каде се губеше патеката, се до селото Бибај. Повторно се сретнавме со локалниот чичко кој пред тргнување не убедуваше дека до Кабаш има околу еден час пешачење, но ако се движиш со туѓи нозе. Во Бибај немаше никој од групата па моравме да слегуваме се до местото каше што не чекаше комбето.
И покрај тоа што не успеавме да го искачиме Кабаш бевме презадоволни од тоа што успеавме да направиме во рамки на временските прилики кои не ни беа наклонети. Во секој случај ги надминавме нашите очекувања.
Линк до галеријата:
https://picasaweb.google.com/astrajon.mk/RibnickaSkala#
Жикица Ивановски






