ЗИМСКА ОБУКА НА ШАР ПЛАНИНА 05-06.03.2011
При првата посета на Салакови Езера се уверивме во добрите услови кои што ги нуди теренот околу нив и првичната замисла беше таму да реализираме неколкудневна зимска обука, но поради новите врнежи од снег претходната седмица побезбедно решение беше таа да се одржи на Шар Планина, секако и поради подоброто познавање на теренот, поточно во пределот Вакаф. Замислено беше првиот ден да се работат зимските техники на обезбедување во снег, движење во наврска и на стрмна падина и вежбање на падови додека вториот ден да го искористиме за евентуално искачување на Титов Врв.
Сабота - прв ден
Од Скопје се собравме деветмина, сите од Макпетрол (Марин, Трајче, Петар, Васко, Александар, Деан, Горан, Томас ) и јас. На Попова Шапка пристигнавме во седум часот наутро и по кратки подготовки тргнавме кон Вакаф. Имавме доста тешки ранци, просек околу 25 кг ( официјално ранецот на Трајче беше 37 кг ) поради што споро се движевме кон Вакаф. За наша среќа поголем дел од патот претходно беше поминат со ратрак па така избегнавме пешачење во длабок снег. По четири часа пешачење видно изнемоштени пристигнавме на Вакаф и веднаш се зафативме со поставувањето на шаторите како прва точка од зимската обука. По сугестија на Васко и Томас пропешачивме уште малку за да дојдеме до најпогодното место за поставувањето на шаторите и најпрво со „снегохотките“ а потоа и со чевлите го истапкавме снегот за да добиемо што порамна површина. Она што прв пат го видов беше фиксирањето на шаторите во длабок снег со ќеси наполнети со снег со кои се фиксираат неколку точки од шаторите (ние фиксиравме само две) и се затрупуваат со снег кој потоа се тапка.
Од она што го успеавме да изработиме тој ден беше осигурувањето со помош на фелтна, цепин, наврзување и движење во наврска, движење со помош на цепин и бајли на стрмна падина, копање на снежен профил... Не успеавме да испробаме кочење со цепин или бајла при пад поради мекиот снег.
Се прибравме со кампот , стопивме снег за супа и чај, наполнивме доволно течности за утрешниот ден, закажавме будење во 5 часот наутро и се повлековме во шаторите.
Недела - втор ден
Сеуште неразденето излеговме колебливо од нашите шатори и тргнавме кон Титов Врв. Голем дел од тежината остана во шаторите па се движевме прилично брзо. Сонцето сеуште се „мачеше“ да излезе па на делови и имавме и густи облаци и слаба видливост. Кај седлото под Бакардан продолживме да се движиме во изохипса за да го избегнеме искачувањето на врвот и само што го здогледавме Титов Врв сонцето како да ги „препозна“ нашите желби за тој ден. Во убавото време ја видовме и шансата да го искачиме и Мал Турчин и по кратки консултации со Марин, Васко и јас тргнавме кон Мал Турчин додека Марин, Петар, Деан и Томас продолжија кон Титов Врв. Се движевме паралелно кон двата врва и истовремено ги искачивме. Времето сеуште беше на наша страна па затоа со Васко одлучивме дека имаме доволно време време и сила за да се искачиме на Титов Врв. Уживавме во прекрасните погледи на сите страни кои ги нудеше Шара. На седлото помеѓу Бакардан и Титов Врв повторно се соединивме во една група и полека занесени како во медитативна состојба слегувавме кон нашиот логор. Трајче, Горан и Александар веќе имаа спакувано два од шаторите па затоа не губевме многу време и по краткиот оброк повторно со нашите ранци ( куќи ) како полжави продолживме кон Шапка.
Линк до галеријата: https://picasaweb.google.com/astrajon.mk/SarPanina0506032011#
Посветено на мојата прерано почината братучетка Душанка
Жикица Ивановски






