САЛАКОВСКИ ЕЗЕРА 25.12.2010
Како пресек на оваа 2010 година решивме да направиме една долга планинарска тура до Салаковски Езера(2200 м.н.в.) заедно со Трајче, Марин, Петар и Васко од Макпетрол и ние, Боби, Ангел и јас. Се сретнавме нешто подалеку од закажанато место и веднаш продолживме кон селото Цветово.
До селото се стигнува по патот за Патишка Река со тоа што по селото Варвара се свртува лево од каде што води тесен асфалтен пат до Цветово. Бидејќи не видовме означено место за свртување кон Цветово го погрешивме патот но по кратка консултација со ГПС уредите беше утврдено дека тоа сме го сториле прерано.
Во потполн мрак стигнавме во Цветово од каде што продолживме пеш кон езерата. Од селото па се до трлото кое се наоѓа на седлото пред искачувањето кон езерата води широк земјен пат кој речиси се движи паралелно со реката, со тоа што на два пати моравме да ја преминуваме Салаковска река. Поради наглото топење на снегот од претходните денови наидовме на многу кал што не ни одеше во прилог. По пат здогледавме и трага од мечка која најверојатно решила да го прекине сонот и да ги види многуте виножита кои се појавија тој ден. Се до трлото имавме пријатно време и се движевме по земјен пат, а таму не пречека силен ветар кој не пратеше се до езерата. Теренот по кој се движевме од трлото со езерата беше комбинација од земја, длабок снег и на делови замрзнат снег(поради што ги префериравме тревнатите делови) кој дбро не „лизгаше“ при слегувањето назад.
Тоа што видовме по изминати 16км и 6 часа пешачење од езерата беше нивната замрзната површина која се покажа како многу цвста(Марин направи неколку чекори во едно од езерата и се врати сув). Паузата ја искористивме за надополнување на празните стомаци додека Васко неуморно се искачуваше кон сртот над езерата „острејќи“ ги бајлите и дерезите. Слегувањето го направивме од спротивниот срт по патот кој го здогледавме при искачувањето и не водеше до реката од каде повторно продолживме по земјениот пат се до селото. Некаде над селото за да го избегнеме големото заобиколување на патот се спуштивме во една од куќите каде љубезните домаќини не изведоа на патот до сред село.
Жикица Ивановски






