Банско Филм Фест 26.11.2010
По повод одржувањето на десетиот Банско Филм Фест решивме заедно со Боби, Аце и Горан од АК Скала Струмица да го посетиме фестивалот на еден ден. Во Банско не дочека врнежливо време па веднаш се „пикнавме“ во Заседалната сала, една од двете сали каде што се прикажуваа филмовите. Веќе беше во тек „Последната битка во Алпите“ од режисерот Роберто Чена, сторија сместена во 1945 година, крајот на Втората Светска Војна, за намерата на Франција да ја присоедини долината Аоста кон својата територија искористувајќи ја ослабената позиција на поразената Италија. Веднаш потоа речиси без прекин, за да се запази точниот тајминг во програмата следуваше „Вечниот Пат“ од Џорџо Грегорио. Филмот ги дава размислувањата на алпинистката Нивес Мерои и новинарот и писател Марко Албино Ферари за врската помеѓу човекот и планината додека таа го води низ траверс на масивот Јоф Фуарт во самото срце на Јулиските Алпи.
Нареден следуваше Алпска триологија: „Новата облека на Царот“, филм кој го презентира искачувањето на најтешките насоки од т.н. Алпска триологија во Валдер Кајзер, Австрија од страна на Ондра Бенеш. Искачувајќи ги овие насоки “End od silence” (8b+), “Kaisers neue Kleider” (8b+) и “Silbergeier” (8b+), Ондра Бенеш станува третиот човек по Штефан Гловач и Харалд Бергер кој ја комплетирал оваа триологија.
Направивме кратка пауза за да се вратиме во Големата сала каде што се одвиваа презентациите. А таму се беше спремно за средбата со Енрико Абрам, учесник во италијанската експедиција заедно со Валтер Бонати, која го прави првото искачување на К2 во 1954 година.
Следуваше презентацијата на книгата „Во сенката на Еверест“ од Петја Колчева која претставува колекција од слики, писма до нејзините блиски и пријатели и документирани видео кадри при нејзиното искачување на Еверест како член на една комерцијална експедиција.
Она што со нетрпение се очекување беше презентацијата на Алекс Хубер. Првиот дел од презентацијата беше наменет за негово искачување/солирање на Гранд Капусин на насоката Schweizerfure VII+. Зборуваше околу неговите подготовки за искачувањето на Гранд Капусин, за кое му биле потребни неколку претходни искачувања во наврска од кои едно и со неговиот татко. Искачуваето било за „само“ 59 минути додека слегувањето по истата насока изнесувало 46 минути. По завршувањето на презентација на барање на публиката реши да одржи уште една кратка презентација околу искачувањето на насоката “Eternal Flame” на Nameless Tower (6251 м.н.в.), Пакистан, заедно со неговиот брат Томас. Нивната цел била слободно искачување на оваа насока за првпат искачена од Гулих и Алберт во 1989 година. Исто така во текот на оваа презентација даде и краток осврт на неговата хуманитарна улога во областа на Каракорум. Презентации кои приситните ги оставија без збор за што најдобро говореше и долгиот аплауз. Веднаш по завршувањето неуморно потпишуваше автограми и позираше со присутните. Доказ дека се работи за вистински спортист и професионалец.
Фестивал кој заедно со градот Банско нуди богата програма и секоја година како гости ги има најголемите имиња од светот на планините. Дефинитивно вреди да се посети!
Жикица Ивановски






