НЕПАЛ
По пауза од два месеци време беше да се вратам на мојата седечка работа. Впрочем ова ми беше трет пат како се враќам и секогаш се надевам небото да биде чисто за да имам добар поглед, иако со мојата работа тој поглед ми е често достапен никогаш не можам да се наситам. Тешко кој може да симне поглед од таа магична планина за која велат дека е едно од местата каде што не можеш а да не се вратиш пак. Така беше и со мене но овој пат беше поинаку. Не сакав да го искусам тој поглед само од воздух, туку и од земја. Се стациониравме во Покара на исто место, исти хотел, иста соба. Како да не сум бил отсутен два месеци. Ова е едно од местата каде времетозастанува, никој никаде не брза, се тече пополека, а ако се договориш со некого за времето го прашуваш дали по реално време или Непалско, бидејки Непалското е секогаш 15 минути подоцна.
Овде има посетители од сите страни на светот, сите дојдени со една цел, да ги видат Хималаите, да искусат нешто стварно, несекојдневно. Бидејќи работата ме поврзува со многу туристи и секој што бил на трекинг, сите остануваат без зборови кога раскажуваат дека треба даги посетиш. По четири месеци работа, покрај секојдневните обврски учествував и во снимањето на сега најпопуларниот филм на мојот другар Весо од Бугарија и Хорацио кој е двократен светски шампион во Акробатско Параглајдерство, време беше да ги искусам малку Хималаите од земја.
Целта ми беше базниот камп на Анапурна (4130м.н.в.). Кога почнував со искачувањето мислев дека ќе биде како и се друго во Непал, преполно со туристи, но планината е толку голема што на моменти се почуствував како да сум сам. Првиот ден заврши и веќе бев полн со впечатоци, почнувајки од Дампус место коего имам видено многу пати и одејќи кон многу познати места секако видени од воздух но тотално различни видени од земја. Полека но сигурно ги напуштам местата кои ми се познати. Најдобро време за да се посети ова место е кога познатите Родендон цвекиња цветаат, глетка којашто не може да се опише туку само да се види.
Анапурна базен камп, се чувствувам преполн со емоции, убавите глетки ме исполнуваат. Исто така глетката на базниот камп на Мачапучаре како една од најдобрите во изминатите денови. Знаејќи многу за овие места овде, повторно ги запознавав, од друга перспектива. Ниту милион зборови коишто ги имам слушано не можат да ја опишатубавината на местото, просто чудесно. Можам да напишам уште две страници но пак нема да ја доловам убавината на овој предел. Полека се приближувам повторно до тие познати места само сега од друга страна, повторно истите емоции и како да гледам нови места многу поразлични од тоа што сум навикнал претходно. И така полека се подготвувам за враќање во реалниот свет сфакајќи дека сево ова што го доживеав беше толку надреално.
Перо Плешков






