ЗА АЛПИТЕ,ЗА ВРВОВИТЕ...
Патуваме со кола веќе втор ден.Возам и ја следам белата линија пред мене,која што одвреме навреме е испрекината а одвреме навреме цела.Асфалтот е земја со бинарен пејсаж.Во Италија сме рано наутро.Застануваме на еден паркинг,гледаме набрзо на картите за да видиме до каде сме и на кои скршнувања од патот да внимаваме и пак продолжуваме.Целта ни е всушност да пристигнеме до подножјето на неколку врвови и насоки во Италијанските и Француските Алпи,а потоа да ги искачиме.
Навидум бесцелно е качувањето по планините.Чекориш,се качуваш со раце и со нозе,носиш тешки ранци на рамењата,мрзнеш,се бориш за секоја голтка воздух,се плашиш за себе и за другиот со тебе заради вертикалите и гравитацијата,заради непредвидливото време...но сето тоа некако по патот или на врвот или кога ке се вратиш дома,те соголува од сите маски и невистини што ги носиш со себе заради другите луге околу тебе,подтикнат од некоја слабост...и не само тоа...
Во оваа Алпинистичка експедиција организирана од Македонската алпинистичка асоцијација сме шест луге.Костантин Циривири и Крунослав Адџиевски од Скопје,Бобан Стојанов и Жикица Ивановски од Штип,Борче Манев од Свети Николе и Александар Дончев од Струмица.Сите долго време се занимаваме со алпинизам.
Веке втора вечер не застигнува сонот пак на еден паркинг до патот.Ги вадиме вреките за спиење и си избираме клупа.Немаме пари и време за луксозни преспивања на кревет во хотел.Но овој пат многу врне и грми тука во долината на Аоста...безброј многу грмотевици.Се молам пред да заспијам и се предавам на сонот,на Бога...Бог е насекаде,но најмногу го има по врвовите на планините.Тоа го мислев порано.Сега знам,после многу врвови и години,дека Бог е подеднакво насекаде и подеднакво секогаш,а врвовите се состојби внатре во нас на кои што стапнуваме понекогаш...Утрото продолжуваме...
Веќе сме во подножјето на Мармолада.Планински масив во Италијанските Алпи.Чекориме до подножјето на карпата на источната страна од планината.Илјада метри чиста вертикала од варовник која што почнува на 2300 метри и излегува на 3343 метри...Неискажливо,неопишливо...неможно да се фотографира...Правам неколку видео снимки и неколку фотографии за да доловам ништожен дел од гледката и чувството...Забележувам луѓе на карпата со максималниот зум од камерата.Со голо око воопшто не се гледаат.Мали се како атоми,составни честички од огромната маса пред мене.Се симнуваат.Бегаат од невремето кое што се приближува над нив...
...Подвиг е искачувањето на некој врв или некоја насока од вертикално експонирана страна од планината,физички и духовен.Секој сам ја одредува тежината на својот подвиг.Понекогаш од подвигот излегуваме почисти и послободни но понекогаш победени и заробени од стравот или суетата.Целта на алпинистичкото искачување,на овој подвиг, е да ги победиш своите слабости и да сфатиш дека заслугата за тоа всушност е на Бога,да се преоткриеш себе и светот наоколу,а не да го искачиш врвот.Безсмислен е животот без подвизи...Брзо се симнувам и јас надолу,подгонет од дождот и грмотевиците што го следат секој мој чекор.
Веке десетина дена сме во Франција.Шаторите ни се поставени на ледникот од платото Вале Бланш на 3600 метри...иако е септември температурата тука се спушти до -18 степени.Вале Бланш ни е како база од која поагаме и во која се вракаме од искачувањата на неколку алпинистички насоки тука наоколу...Заокружени сме со врвови над 4000 метри.Монт Блан,Монт блан де такул,Монт Маудит,Иги ди Миди,Гранд Јорас...Има само мраз,карпи,небо,облаци,звезди.Нема ниту едно растение,инсект,животно...а сепак се е толку многу живо околу нас.
Еве ме некаде над 4000 метри пред еден од многубројните врвови.Чекорам бавно,додека ме дува ветрот носејки со себе топчиња мраз кои се забиваат во лицето.Внимавам на дишењето и чекорите,не мислам за врвот,не мислам за ништо.Секоја мисла тука се претвара во грамови и килограми и тежи.Одвреме навреме застанувам и погледнувам околу мене.Го голтам пејсажот или тој ме голта мене.Правам по некоја фотографија и продолжувам.Другите се веќе далеку пред мене,но така ми е подобро.Сам се чувствувам многу поблизку до се околу мене.Ми се губат спомените од напорот во текот на искачувањето,се губи секавањето веке следниот чекор.Понекогаш ги бројам чекорите,понекогаш наместо броење секој чекор го одбележувам со молитва,на тој начин добиваат смисла.
И еве, неприметно,уште само неколку чекори ,или молитви, и стапнувам на врвот.Застанувам.Избледнува напорот.Се вртам на сите страни и гледам наоколу.Почнувам да се смеам и да плачам истовремено.Бескрајно сум голем и бескрајно сум мал во целиот овој бескрај околу мене и во мене.Со викање на цел глас му благодарам на Бога...и после тоа мир.
Викањето го слушнаа и двајца Французи кои што беа на дваесетина метри подолу од мене.Се поздравивме безгласно со кимнување,и по некое време пак почнувам да чекорам,сега надолу,кон долината...
Александар Дончев









